КОСТАДИНОВ: Опозицијата е во очај, СДСМ го трасира патот кон ЕУ, а јас се уште сум оптимист за датум

Изненаден сум од аматеризмот на опозициската (ВМРО)-ДПМНЕ, од немањето грам државност, политички сенс во време на најголема трпеливост на граѓанството, објави вечерва портпаролот и пратеник на СДСМ, Костадин Костадинов.

– Граѓаните тоа го препознаваат и соодветно политички ќе реагираат. Да се разбереме патот на интеграцијата го трасира СДСМ, (ВМРО) ДПМНЕ на секој можен начин се обиде да го уништи и не успеа. Направените реформи од владата на СДСМ никој не ги оспорува, напротив сите ги поддржаа. Јас сум се уште оптимист за процесот, но што и да се случи, совеста ми е мирна оти во ова време како одговорни политичари направивме се, за да бидеме во овој процес. Огромни се разликите. Ние сме на страната на прогресот, развојот, перспективата. (ВМРО)-ДПМНЕ е заглавено во обидите на секој можен начин дури и во такви важни моменти за државата, да си ги заштити криминалците во своите редови, играјки си со емоциите на граѓаните, објави Костадинов на Фејсбук.

„Пошта“ тоне во милионски загуби, а директорите си делеле БОНУСИ од по 5.700 евра

Државниот завод за ревизија открил низа на нерегуларности во работењето на АД Пошта. Ревизорите констатирале дека во услови кога Поштата работи со загуба, Надзорниот одбор одобрил склучување на договори за менаџерско осигурување за седуммина членови на Управниот и на Надзорниот одбор.

Според извештајот, платено е менаџерско осигурување за период од 1.04.2018 до 1.04.2019 година во вкупен износ од 2.760.000 денари, или околу 45.000 евра. Овие директори ги бира Владата, тие примаат плата, а ако одобри Надзорниот одбор може да склучи и договор и за нивно менаџерско осигурување со осигурителна компанија што ќе понуди најповолни услови.

АД Пошта работела со загуба, која до крајот на 2018 година изнесувала околу 10 милиони евра, од кои само во 2018 година се направени над 2,5 милиони евра, а остатокот е од претходните години, што говорело дека финансиската состојба на друштвото е значително влошена.

Тоа, пак, според прописите, укажувало дека во такви услови не требало да се склучуваат договори за осигурување на менаџерите, односно дека трошоците за менаџерското осигурување не биле целисходни.

Ревизорите одговорноста ја лоцирале кај Фадис Реџепи, генерален директор и претседател на УО од 1.09 2014 до 31.08.2018 и кај Ејуп Рустеми кој е генерален директор и претседател на УО од 1.09.2018 година.

Учениците и од септември ќе останат дома?

Учебната 2019/2020 година ќе заврши со онлајн-настава согласно со одлуката на Владата учениците да не се враќаат во клупите до 10 јуни. Од затворањето на училиштата и факултетите на 11 март, предизвикот беше како да продолжи наставата од далечина и да ја замени формалната и во овие речиси три месеци учениците и наставниците се приспособуваа за е-учење. За образованието јуни е месец на испити и уписи. Државна матура за оваа генерација ќе нема, но претстои јунската испитна сесија за студентите и уписи за идните средношколци за кои роковите нема да се менуваат.

Министерот за образование и наука Арбер Адеми е задоволен од преземените мерки со кои се овозможи непрекината настава во услови на пандемија, кои беа и правно регулирани со донесените уредби со законска сила. Во интервју за МИА Адеми вели дека се максимално посветени и се разговара за прашања како би постапиле ако се соочиме со исти или полоши околности од септември, на почетокот на наредната учебна година.

Генерално, ако имаме иста ситуација, исти околности, можеби ќе се соочиме со исти мерки или ќе размислиме во насока на реорганизирање или поинакво организирање и реализирање на наставата во училишните клупи, рече Адеми.

КОМИСИЈАТА ЗА ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ ЗАСЕДАВА: Нови 58 заразени денеска

Во последното деноноќие бројот на заразени повторно се зголеми. Од Комисијата за заразни болести која се уште држи состанок, за Фактор потврдуваат дека бројот на нови позитивни случаи на Ковид-19 изнесува 58.

Велат зголемувањето на бројот на нови заразени пациенти можело и да се очекува, особено по укинувањето на рестриктивните мерки.

Инаку, најголемиот број новозаразени се од веќе вчера споменатите скопски општини, Сарај, Чаир, Бутел....

Следуваат повеќе информации наскоро

Популарно