Лидерите на ЕУ се уште без договор за датум за преговори со Скопје и Тирана

Лидерите на Европската Унија се разотидоа околу два часот изутринава по долга вечер преговори за проширувањето, но без договор и без заклучоци ни за Скопје ни за Тирана.

Финскиот премиер Анти Рине, по самитот, за медиумите кусо порача дека се надева дека лидерите ќе се навратат на прашањето во текот на денешниот ден, но без гаранции. Разни национални делегации различно брифираат, додека едните се надеваат дека ќе се наврати ЕУ на проширувањето денеска, други тврдат дека нема политичка волја за тоа.

ЕУ требаше вчера, по две одлагања, да донесе „јасна и суштинска“ одлука за отпочнувањето на преговорите за членство со Северна Македонија и Албанија, согласно препораката на Европската Комисија и општиот консензус во ЕУ дека двете земји се подготвени за следниот чекор. Но, недостатокот од политичка волја надвладеа.

Повеќето земји членки ја обвинуваат „тврдоглавоста и кусогледоста“ на Франција кон Западниот Балкан. Претседателот Емануел Макрон одбива секаков напредок во проширувањето додека не се измени методологијата на преговарачкиот процес, реформа која може да трае со години и за која Париз не дава конкретни одговори како треба да изгледа.

Од друга страна, земји како Холандија и Данска не сакаат да започнат преговори со Албанија. Во Хаг тоа е став на парламентот, и владата смета дека не може да го игнорира гласот на пратениците. За Холандија зелено светло беше прифатливо единствено под услов да се одвојат двете земји.

Конечно, третата група, најбројната, се земјите кои сметаат дека преговорите треба да почнат со двете земји, иако повеќето од нив велат дека беа подготвени да прифатат да се оди напред само со Македонија доколку тоа биде прифатливо за Франција.

Франција меѓутоа не се согласи со оваа варијанта, додека нејасен остана ставот на Германија до крај, за која одредени делегации брифираа дека е „непопустливо“ против одвојувањето, други држави членки сметаа дека Париз и Берлин пак се кријат еден зад друг.

По неколку обиди за нацрт заклучоци, кон полноќ паднал француски предлог за компромис: да се одложи по четврти пат одлуката за пролетта 2020, пред самитот за Западен Балкан во Загреб. Опцијата била неприфатлива за повеќе земји кои сметаат дека не смее да има никакво одлагање, брифираат дипломатски извори, и дека одлуката „мора да се донесе денеска или утре“.

Поради ова земјите поддржувачи на проширувањето го одбиле францускиот предлог и одлучиле дека е „подобро да нема воопшто заклучоци отколку лоши заклучоци“, велат за МИА извори од земја членка на ЕУ.

-Западните земји едноставно не разбираат, има целосно отсуство на разбирање на реалноста надвор, подобро е што не се договоривме за текст, ова е навистина сериозно и сметаме дека е работа на претседателот Туск да стори нешто сега, додава дипломатски извор од источноевропска земја на ЕУ.

Самитот продолжува денеска од 9:30 часот, на дневен ред главна точка е повеќегодишната финансиска рамка на ЕУ, климатските промени и стратешката агенда на ЕУ, во присуство на идната претседателка на Европската Комисија, Урсула фон дер Лејн.

– Време за разговор има доколку има волја за тоа, само буџетот е тешка тема, другите се симболични…, заклучува изворот на МИА во разговор по самитот.

Видео: Од 45 вработени во погонот со линдан во Охис, денес само еден е жив

Првиот човек кој се врабиотил во погонот со линдан во Охис, Реџеп Ајраловски денеска е единствениот жив сведок. Вели го спасил животот на село, но деновите поминати работејќи со линдан биле кобни за неговите колеги - 45 на број.

Без соодветна заштитна облека, во тешки услови во Охис работел и Киро Пешевски. Од живата и хлорот со кои 34 години бил во директен контакт и денес има потешкотии во дишењето и мора да пие лекови.

Вработена во мензата на фрабриката која не сакале да зборува пред камерата на Телма, изјавила дека тешко било дури и да се одржи и вегетацијата во дворот на Охис, од токсичната почва. Според изјавите на поранешните вработени, пред околу 40 години на еден систематски преглед сите вработени имале ист резултат – замастување на црниот дроб, заболување што може да е предизвикано од вдишување на хемиски супстанци.

Холандскиот сенат го ратификуваше Протоколот за НАТО

Холандскиот сенат попладнево го ратификуваше Протоколот за пристапување на Северна Македонија во НАТО. Информација на неговиот Фејсбук профил ја сподели министерот за надворешни работи Никола Димитров.

По добивањето зелено светло од Холандија, Протоколот за НАТО ќе треба да го ратификуваат уште Франција и Шпанија со што земјава и формално ќе стане 30 полноправна членка на Алијансата.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска изјави оти се очекува до крајот на ноември или до Лондонскиот самит да заврши ратификацијата и во Франција, по што останува само ратификацијата во Шпанија, за што поточни проценки ќе можат да се направат дури откако ќе биде јасна новата влада.

Според најавите, првата седница на шпанскиот Парламент ќе биде почетокот на декември. Секое шпекулирање сега, ќе биде само шпекулација. Многу внимателно ги следиме настаните, ја испраќаме континуирано пораката дека е многу важно за нас, но и за регионот, нашето членство час поскоро, изјави Шекеринска, која денеска изврши увид во новореновираните и комплетно опремени лаборатории во Воената академија „Генерал Михаило Апостолски”, во касарната „Гоце Делчев”, во кои е инсталирана напредна образовна технологија наменета за проектот за напредно учење на далечина.

Казна од 200 евра за родителите чие прваче беше избркано од училиште со полиција

Родителите на првачето од ОУ „Блаже Конески“ во Велес, кое сè уште не посетува настава затоа што ја нема примено потребната вакцинација, добија глоба од 200 евра.

Станува збор за случајот во кој првачето наводно било отстрането од настава со полиција, но како што информираа од СВР Велес, тоа не било бо контакт со полицијата.

Од здружението „Од нас за нас“ информираат дека детето било запишано во текот на мајскиот уписен рок, за да на 4 септември директорот усно им соопшти на родителите дека детето не е

примено.

Зошто е тоа така – родителите не добиваат писмен одговор. Немајќи писмен одговор, родителите продолжуваат да го носат детето на училиште, за да подоцна биде отстрането од настава со полициска асистенција.

Родителите поднесоа претставка до Инспекцискиот совет, по којашто тие не можат да се произнесат заради тоа што МОН сè уште нема доставено решение, вели Гордана Гоџо од Здружението.

Директорот на ОУ „Блаже Конески“ – Велес, исто така јавно го повикал МОН за решение за случајот.

По инцидентот со полицијата, родителите одлучуваат да почекаат официјално решение и известување, за детето да не трпи дополнителни психолошки трауми.

Од страна на ДПИ, на родителите деновиве им стигна прекршочен платен налог, со кој се одредува глоба од 200 евра, во денарска противвредност. Глобата е изречена според член 168, став 4 од Законот за основно образование: „Глоба во износ од 200-250 евра е предвидено за родителот, старателот ако не му овозможи на своето дете да ја исполни обврската за задолжително основно образование и воспитание“. Се прашуваме кој овде треба да биде казнет? По чија вина всушност детето не е во училиште?, прашуваат од Здружението.

Од „Од нас за нас“ додаваат дека додека Министерството за образование не може да се одлучи дали ќе го почитува Уставот, родителите и децата страдаат.

Популарно