СТРАШНО: Висока концентрација ПМ 10 честички утринава во Гази Баба

Концентрацијата на ПМ10 канцерогените честички утрово во Гази Баба изнесуваше смртоносно високи 998 микрограми, сепак од Министерството за животна средина велат дека се работи за грешка.

Податоците од мониторинг станицата за квалитет на амбиенталниот воздух во Гази Баба во текот на изминатите пет часа се невалидни поради замена на потрошен дел, информираат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

-Министерството за животна средина и просторно планирање ја информира јавноста дека поради технички зафат врз инструментот за мерење на суспендирани честички со големина до 10 микрометри од Автоматската мониторинг станица за квалитет на амбиентен воздух во Гази Баба, односно замена на потрошен материјал (филтер во облик на лента) преку која се врши отчитување на мерените концентрации, податоците од 06:00 до 11:00 часот на 09.11.2019 година се невалидни, наведуваат во соопштението.

Оттаму додаваат дека тие не се одраз на извршени мерења, туку на соодветен код од инструментот кога истиот има недостаток. Појаснуваат дека е извршена замена на потрошниот материјал и грешката во инструментот е отстранета.

Инструментот е пуштен во работен режим, додека податоците од наредните извршени мерења на концентрацијата на ПМ 10 ќе бидат достапни од 13:00 часот.

6 месеци затвор за Миле Јовановски

Судот му одреди казна затвор од 6 месеци на таткото на Боки 13,Миле Јовановски .

Тој е прогласен за виновен за физичкиот напад врз попот Виктор Стојчевски.

 Јовановски претходно призна вина за случајот. 

Според обвинението, Миле Јовановски на Божиќ 2017 година, физички го нападнал свештеникот Виктор Стојчев по расправија за паркинг место а потоа му нанел физички повреди.

Свечено доделување на стипендиите „Борис Трајковски“

Во претседателската вила Водно денеска свечено ќе бидат доделени стипендиите „Борис Трајковски“.

На настанот ќе се обратат претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски, министерот за образование и наука Арбер Адеми и Јоанис Верверидис, директор на меѓународниот факултет на Универзитетот Шефилд, Сити колеџ од Солун, Република Грција.

Детектор: Мнозинството граѓани не го поддржуваат прогресивниот данок

Според анкетата која по нарачка на Детектор ја изработи Институтот за политички истражувања Скопје мнозинството граѓани не го поддржуваат прогресивниот данок кој почна да се применува на стартот на оваа година, а ќе биде ставен во мирување на почетокот од наредната.

 42,4% од анкетираните сметаат дека треба да се врати рамниот данок, а поддршка на прогресивниот даваат 25,2% од анкетираните.

Повеќе од една третина од граѓаните се на став дека прогресивниот данок ќе ја зголеми даночната евазија. 38,2% сметаат дека со воведувањето на прогресивниот данок, даночното затајување ќе се зголеми, 18,1% се на став дека ќе остане исто, а 10,4% очекуваат намалување. Интересен е податокот дека дури 52,8% од анкетираните самовработени и сопственици на приватен бизнис сметат дека прогресивниот данок ќе го зголеми даночното затајување.

Дури 61% од граѓаните сметаат дека ако се земе предвид платата која што ја примаат, даноците кои и ги плаќаат на државата се високи. 23,1% од анкетираните мислат дека даноците се соодветни а само 1,9% сметаат дека македонските граѓани плаќаат ниски даноци. Кога би можеле да изберат еден данок или давачка кон државата која е превисока и треба да се намали, 18% би го одбрале персоналниот данок. 14,6% сметаат дека прв за намалување треба да биде данокот на имот, а 14,2% данокот на додадена вредност. 11,8% од граѓаните сметаат дека намалување првенствено треба да има на акцизите, а 9,2% на данокот на добивка, додека 7,4% сметаат дека првото што треба да се намали треба да бидат придонесите за здравствено осигурување. 1,9% се со став дека треба да се намалат придонесите за пензиското осигурување, а 1,2% давачките за царина. Кога станува збор за тоа како државата располага со парите кои ги собира од даноците и другите давачки, мнозинството граѓани изразуваат недоверба и незадоволство. 64,7% од граѓаните сметаат дека македонскиот државен буџет не се троши правилно и наменски за разлика од 9,6% кои се убедени во спротивното. 60,4% од анкетираните велат дека при креирањето на државниот буџет, на прво место се става интересот на политичките партии. 20,2% сметаат дека буџетот се креира според јавниот интерес и реалните потреби а 19,4% немаат одговор. Според мнозинството граѓани, најмногу средства од буџетот треба да се насочат во здравството.

Ваков став имаат 31,2% од анкетираните. 16,3% сметаат дека социјалната заштита треба да биде на прво место во буџетот, а 14,6% образованието. Најмногу средства од буџетот да се одвојат за плати на јавната администрација бараат 9,3% од анкетираните. 8,3% сметаат дека најмногу пари треба да се вложи во капитални инвестиции и инфраструктура, а 5,6% во пензиите. Само 1,4% од анкетираните сметаат дека одбраната треба да биде приоритет за буџетот. 56,5% од граѓаните сметаат дека земјава е високо задолжена, 19,2% задолженоста ја квалификуваат како умерена а 7,3% сметаат дека таа е ниска.

Интересно е што последниот проект на владата кој предвидува поврат на ДДВ преку скенирање на фискални сметки не предизвикува некој голем интерес кај граѓаните. Анкетата на Детектор покажува дека 64,7%, што е речиси две третини од анкетираните воопшто не скенираат фискални сметки, додека 34,2% го прават тоа. Меѓу оние кои ги скенираат најголемиот дел очекува приход меѓу 300 и 600 денари месечно.

Анкетата на Детектор покажува и дека граѓани во најголем дел не се запознаени со висината на помошта која од европските фондови доаѓа во јавниот сектор во државата. 35,4% од анкетираните немаат вакви информации, 22,5% од граѓаните сметаат дека европската помош е ниска, 19,3% дека таа е соодветна а 5,9% ја оцениле како висока Анкетата по нарачка на Детектор телефонски ја спроведе Институтот за политички истражувања Скопје врз репрезентативен примерок од 1101 испитаници во периодот од 25 до 29 октомври годинава со маргина на грешка од плус - минус 3%

Популарно