Приведен премиерот на Федерација БиХ поради аферата респиратори

Претседателот на Владата на Федерацијата Босна и Херцеговина, Фадил Новалиќ, директорот на управата за Цивилна заштита Фахрудин Солак и сопственикот на фирмата „Сребрена малина“ Фикрет Хоџиќ синоќа се приведени на испитување  во седиштето на Државната агенција за истраги и заштита (СИПА) во рамките на истрагата за аферата респиратори.

Тие и претходно дадоа изјава пред истражителите откако случајот го презеде Обвинителството на БиХ.

Во средата полицијата му го одзеде телефонот на Новалиќ за вештачење, при што треба да се утврди со кого тој контактирал за набавката на респираторите.

Спорните респиратори се набавени од Кина за 5,3 милиони евра, но се неупотребливи на одделенијата за интензивна нега, а истрагата треба да утврди како „Сребрена малина“ можела да увезе респиратори, кога е регистрирана како фирма за преработка и одгледување на овошје и зеленчук.

Фирмата бизнисот го добила со непосредна спогодба, а договорот го потпишал Солак.

Во Велс 1.694 пациенти по грешка отпуштени од Психијатрија

Грешка која не смееше да се случи. Така здравствениот одбор во Велс ја опиша одлуката на психијатриската болница за време на пандемијата на коронавирусот да отпушти 1.694 пациенти, кои не биле за отпуст.

Сега болниците прават се за ментално заболените пациенти да се вратат на клиниката, додека властите се извинуваат на граѓаните.

Додатен проблем настанал кога испаднало дека не се знае точниот број на отпуштени пациенти.

На крајот дојдовме до цифра од 1.694 прерано пуштени пациенти од институцијата и тоа пациенти на кои и понатаму им е неопходна помош, соопштиле здравствените власти.

Кипар ги повикува туристите и ветува

Кипар вети дека ќе ги покрие трошоците на секој кој ќе биде позитивен на коронавирусот во текот на одморот на овој остров во Средоземното море.  

Владата на Кипар соопшти дека ќе ги покрие трошоците за привремено сместување, храна, пијалаци и лекови за пациентите кои се заболени од коронавирус и нивните семејства. Пациентите ќе мора да го платат само возењето со такси до аеродромот поради летот до дома.

За странските патници кои ќе бидат позитивни на тестот ќе биде одвоена болница со 100 кревети, а за пациентите во критична состојба ќе бидат резервирани 112 места на интензивна нега и 200 респиратори. За сместувањето на семејствата на пациентите и останатите блиски контакти ќе биде издвоен посебен “карантински хотел” со 500 соби.

Ваквите информации се наоѓаат во писмото на 5 страници кое е испратено до авиопревозниците и туристичките агенции. Во него се опишани строгите здравствени и хигиенски протоколи кои ќе стапат на сила на Кипар.

Туризмот има директен удел во кипарската економија од 13 отсто. Државата очекува оваа година да изгуби 70 отсто од 2,6 милијарди проценетиот приход од туризмот во оваа година.

Меѓународните летови на Кипар почнуваат од 9 јуни иницијално од 19 земји, а патниците мора да се тестираат на Ковид-19 три дена пред пристигнувањето. Ваквата мерка ќе биде укината на 20 јуни за 13 земји помеѓу кои се Германија, Финска, Израел, Грција и Норвешка.

извор: tocka.mk

Популарно